„Евровизија“ ќе се случи на 300 метри од мојот дом во Виена

Никогаш не престанав да го слушам своето срце и да верувам во својот сон. Бев упорен и ете дел од она што го посакував почна да се остварува едно по едно, ни рече Даниел, веднаш по прогласувањето на победата на „Скопскиот фестивал“, пишува Нова Македонија.

ДАНИЕЛ КАЈМАКОСКИ, ПОБЕДНИК НА „СКОПСКИОТ ФЕСТИВАЛ“

По игра на случајноста следната година најголемиот европски музички фестивал ќе се случи во Виена, градот во кој Даниел Кајмакоски израсна и каде што ги направи првите чекори во музиката. Таму живее и неговото семејство, од кое има голема поддршка, особено во остварувањето на соништата од младоста. Сега, со победата на „Скопскиот фестивал“ тој ќе оствари уште еден, ќе ја претставува Македонија на „Евровизија 2015“. Сепак, неодамнешното откривање нерегуларности во начинот на гласање на фестивалот фрли мала сенка на неговата победа, но тоа кај Даниел не ја намали желбата Македонија во Австрија да ја претстави на најдобар начин.

– Кога слушнав за полициските рации, бев шокиран и затечен од целата ситуација, која фрли сенка на мојата победа. Ниту мене ниту на мојот тим не ни е таков принципот на работа и сметам дека музиката треба да биде нешто убаво, што ете ќе нѐ спои со цела Европа, а не арена за израмнување сметки. Се надевам дека ова ќе биде единственото камче на сопнување на мојот пат кон Виена.

Што за тебе значи оваа победа, која воедно е и „билет“ за „Евровизија 2015“?

– „Скопскиот фестивал“ по толку години е ново поле за докажување за мене.  Многу сум среќен и задоволен од огромната поддршка што ја почувствував од публиката во салата и од сите што се јавиле да гласаат за мене. Кога луѓето се на твоја страна, тогаш чувствуваш дека имаш крилја со кои можеш да леташ многу далеку. Притисокот е постојано голем, но тоа се надополнува со љубовта што ја добивам за возврат.

Колку е олеснителна околност за тебе тоа што „Евровизија“ ќе биде во Виена?

– Пред сѐ нема да треба да плаќам за сместување. Ќе имам време да бидам со родителите, зашто многу ми недостигаат, иако знам дека со сето срце ме поддржуваат. Ќе имам поддршка и од пријатели, роднини… Дознав дека и медиумски веќе ме споменуваат во Австрија. Тоа многу ми значи бидејќи таму се случија моите први јавни настапи и драго ми е што не сум заборавен. Јас таму последен пат јавно настапив пред 12 години. Инаку, фестивалот ќе се одржува на 200-300 метри од местото каде што живеев и навистина ќе биде многу емотивно за мене кога ќе пеам таму.

До каде се работите со новиот албум?

– Сега, по завршувањето на „Скопскиот фестивал“, забрзано ќе продолжиме со подготовките на материјалот за моето музичко првенче. Инаку, десетте песни се веќе снимени, меѓу нив има микс од бавни и побрзи песни, а на дел од нив соработував и со познатиот рапер Тони Зен, кој е мој добар пријател.

Дали сѐ уште размислуваш за некоја друга професија, која нема да биде поврзана со музиката?

– Веќе не. Навистина ми е многу тешко да замислам што друго би можел да правам доколку музиката не би била дел од мојот живот. Убеден сум и дека нема да има потреба да размислувам на таа тема. Минатиот месец наполнив 31 година, но никогаш не престанав да го слушам своето срце и да верувам во својот сон. Бев упорен и ете дел од она што го посакував почна да се остварува едно по едно.