Еврозоната ја одобри програмата за финансиска помош за Грција

Министрите за финансии од еврозоната одобрија продолжување на програмата за помош на Грција врз основа на планот за реформи предложени од Атина, соопшти во Брисел заменик-претседателот на Европската комисија и комесар за еврото Валдис Домбровскис.

– Списокот со реформи на Грција е доволно сеопфатен за да биде појдовна точка, напиша еврокомесарот на „Твитер“ по телеконференциската седница на 19-те министри од монетарната унија, јави дописникот на МИА од Атина.

Барањето на Грција за продолжување на програмата сега треба да биде одобрено и од парламентите на земјите-членки на еврозоната, прецизира Домбровскис.

Продолжувањето на програмата може да биде подложено на гласање во парламентите на Грција, Австрија, Естонија, Финска, Германија, Холандија и Словачка пред крајниот рок во сабота, кога истекува сегашниот договор за финансиска помош.