Евтините летови го заживеаја авиотранспортот во Македонија

Авиосообраќајот во земјава бележи вистински бум. Нискотарифните компании го претворија воздухопловниот превоз во нова светла точка на македонскиот транспортен сектор. Бројот на патници континуирано расте, понудата се збогатува со нови дестинации, се зголемува бројноста на летови, се појавуваат нови авиопревозници, анализира Лидер.мк.

Сите факти укажуваат на тоа дека 2014-та ќе биде рекордна година, во која преку двата аеродрома ќе се превезат над милион патници.

Според податоците на Агенцијата за цивилно воздухопловство, во првите пет месеци од годинава, бројот на превезени патници е зголемен за 18,6 проценти, споредено со истиот период лани, додека кај превозот на стоки е регистрирано зголемување од 22,4%.

Од двата аеродрома: „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, биле превезени 433. 349 патници. 96,8% ги користеле услугите на аеродромот во Скопје, додека 3,2% на тој во Охрид. Ако се задржи оваа динамика, и ако се има предвид дека во јануари беа откажани голем број летови поради маглата, тогаш е сосема извесно дека ќе го натфрлиме милионот.

И оваа година, расте бројот на патници кои ги користат евтините летови, односно услугите што ги нудат нискотарифните компании. „Виз Ер“ повторно е водечки авиопревозник.

Ако се анализираат податоците, тогаш може да се заклучи дека токму нискотарифните превозници и државните субвенции се причината за позитивните движења во авиосообраќајот. Да ги земеме како релевантни податоците од цела 2013-та година. Од вкупниот број патници, дури 440.127 летале со нискотарифни компании, што претставува раст од фантастични 240% во однос на 2012-та година.

Услугите на редовните авиопревозници ги користеле 481.809 патници, иако, гледано по компанија, нема некој што би му парирал на „Виз Ер“ по бројот на превезени патници. Лидер кај редовните е „Туркиш Ерлајнс“ со 127.855 превезени патници во 2013-та.

Вкупно гледано, „Виз Ер“ има удел од над 36%, па следуваат „Туркиш Ерлајнс“ со 13% и Аустриан со 10%.

До пред три години нискотарифните компании не им беа доволно познати на домашните патници, но преку субвенционирањето ова се промени, па заедно со претходното паѓање на визниот режим за македонските граѓани, како и со ставање на аеродромите под капата на „ТАВ“, се создаде еден поволен сет услови за развој на домашниот авиосообраќај.

„Од 2010-та година, бројот на патници е зголемен за 44 проценти. Во последните три години бележиме просечен раст од по 10 проценти, кои се многу високи, особено ако се знае дека највисокиот просечен раст во Европа е пет отсто“ – објаснува заменик – директорот на „ТАВ Македонија“, Алпер Тунгај Ерсој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.