Евтините летови го заживеаја авиотранспортот во Македонија

Авиосообраќајот во земјава бележи вистински бум. Нискотарифните компании го претворија воздухопловниот превоз во нова светла точка на македонскиот транспортен сектор. Бројот на патници континуирано расте, понудата се збогатува со нови дестинации, се зголемува бројноста на летови, се појавуваат нови авиопревозници, анализира „Лидер.мк“, објави „Курир.мк“, пренесува „Нетпрес“.

Според анализите 2014-та ќе биде рекордна година, во која преку двата аеродрома ќе се превезат над милион патници.

Според податоците на Агенцијата за цивилно воздухопловство, во првите пет месеци од годинава, бројот на превезени патници е зголемен за 18,6 проценти, споредено со истиот период лани, додека кај превозот на стоки е регистрирано зголемување од 22,4%.

Од двата аеродрома: „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, биле превезени 433. 349 патници. 96,8% ги користеле услугите на аеродромот во Скопје, додека 3,2% на тој во Охрид. Ако се задржи оваа динамика, и ако се има предвид дека во јануари беа откажани голем број летови поради маглата, тогаш е сосема извесно дека ќе го натфрлиме милионот.

И оваа година, расте бројот на патници кои ги користат евтините летови, односно услугите што ги нудат нискотарифните компании. „Виз Ер“ повторно е водечки авиопревозник.

Ако се анализираат податоците, тогаш може да се заклучи дека токму нискотарифните превозници и државните субвенции се причината за позитивните движења во авиосообраќајот. Да ги земеме како релевантни податоците од цела 2013-та година. Од вкупниот број патници, дури 440.127 летале со нискотарифни компании, што претставува раст од фантастични 240% во однос на 2012-та година.

Вкупно гледано, „Виз Ер“ има удел од над 36%, па следуваат „Туркиш Ерлајнс“ со 13% и Аустриан со 10%.

До пред три години нискотарифните компании не им беа доволно познати на домашните патници, но преку субвенционирањето ова се промени, па заедно со претходното паѓање на визниот режим за македонските граѓани, како и со ставање на аеродромите под капата на „ТАВ“, се создаде еден поволен сет услови за развој на домашниот авиосообраќај.

Според изјавите на раководствот на „ТАВ Македонија“ бројот на патници за 4 години е зголемен за 44 отсто.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.