Езерскиот туризам во Македонија бренидран под слоганот „All you need is love and the lake“

Езерскиот туризам во Македонија првпат е брендиран со специјализирани ексклузивни подароци и сувенири под слоганот „All you need is love and the lake“.Станува збор за идеја и иницијатива на македонскиот креативен бренд MUNUS, која за оваа намена изработи производи наменети за уживање во сончев ден покрај езеро, како што се пешкири за на плажа, летни фустани, пернички од органски памук, летни тефтери со голем број различни дизајни, подметки за чаши со мотиви од Македонија и цитати од Петре М. Андреевски и низа други уникатни подароци и сувенири. Од компанијата MUNUS велат дека нивната главна цел е на оригинален и модерен начин да се промовираат езерските бисери на Македонија и секој посетител на Охрид или Дојран да си замине не само со убави спомени туку и со интересен сувенир.

Дојран е првата општина во Македонија која веќе го промовира езерскиот туризам со специјално изработени подароци, кои се дел од летната линија на MUNUS со слоганот „All you need is love and Dojran“. Покрај тоа, нивните производи може да се најдат во специјализираниот summer shop на плажата Golden beach во Охрид и во продажните места на „Матица“, „Икона“ и „Мамут“ во Скопје.

Од компанијата најавуваат наскоро отворање на специјализирана продавница во Скопје, како и изработка на веб-страница за онлајн продажба на нивните производи.