ФА отвори истрага за Гвардиола

Англискиот фудбалски сојуз (ФА) покрена истрага против менаџерот на водечката екипа во првенството Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, поради кршењето на правилата поврзани со забраната истакнување политички пораки на натпреварите.

Поранешниот фудбалер и тренер на Барселона, на неколку натпревари во англиските натпреварувања како и во Лигата на шампионите носел жолта лента, што се толкува како поддршка за затворените каталонски политичари кои се залагаат за отцепување на оваа покраина од Шпанија.

Гвардиола за овој случај ќе мора да се изјасни до 18 часот на 5-ти март. Трофејниот тренер надвор од терените е познат како поддржувач на каталонската независност.

Во декември минатата година, менаџерот на градскиот ривал Манчестер Јунајтед, и голем спортски противник на Гвардиола уште од дуелите меѓу Барселона и Реал, Жозе Мурињо, по средбата против Сити јавно изјави дека не е сигурен дека нему би му било толерирано истакнување политички пораки, како што е толериран Гвардиола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.