Фабијус: ЕУ ќе го одложи воведувањето нови санкции кон Русија

Министерот за надворешни работи на Франција, Лоран Фабијус, денеска истакна дека Советот за надворешни работи на Европската унија ќе го одложи воведувањето на новите санкции кон руски официјални лица за ситуацијата во Украина, со надеж дека ќе успеат мировните преговори во Минск, јави  МИА.

Според Фабијус, одложувањето е за седум дена, за кога ќе се интензивираат рпеговорите на највисоко ниво меѓу Русија и Украина, со посредство на Германија и Франција.

– Состојбата во Украина е целосно блокирана. Имаше иницијатива на францускиот претседател и на германската канцеларка и работите полека почнуваат да се придвижуваат, но се уште треба да се биде внимателен. Утринава разговаравме на Советот за надворешни работи на ЕУ и попладне ќе има состанок на главните секретари на министерствата за надворешни работи и политичките директори на земјите-членки на ЕУ. Утре во Минск ќе се сретнат политичките советници, а во среда, се надеваме, ќе се одржи состанок во Минск на кој ќе бидат украинскиот и рускиот претседател, германската канцеларка и францускиот претседател. Целта е да се постигне деескалација и мир, во што воопшто не сме сигурни и треба да се остане внимателен, но работиме во тој правец – истакна францускиот шеф на дипломатијата.

Фабијус потврди дека утринава во Брисел се разговарало за воведените санкции во врска на случувањата во Мариупољ, при што постоела разлика меѓу моментот кога санкциите се донесени и моментот кога истите се потврдени. За тоа, според првиот човек на француското министерство за надворешни работи, дополнително ќе извести Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, но додаде дека е задржан принципот на санкции донесени во врска со Мариопољ, а нивната примена ќе зависи од состојбата на теренот.

– До понеделник ќе видиме дали е одржан состанок во Минск, какви се неговите резултати и тогаш ќе видиме каде сме – посочи Фабијус.

Французинот истакна дека се уште има дел од патот што треба да се мине во однос на мировните преговори, бидејќи, како што напомена, има низа прашања што се поставени. Според Фабијус, прашањата се: Колку километри треба да се повлеше тешкото вооружување? Како да се обезбеди почитување на границите? Што од правна гледна точка ќе бидат покраините Донбас и Лугањск?

На прашањето дали е можна промена на Протоколот од Минск, шефот на дипломатијата на Франција истакна дека договорот е потпишан и е мировен судија, но оттогаш има промена на теренот и треба во најголема можна мерка да се почитува Протоколот од Минск. Во секој случај, тој посочи дека се уште нема резултат, но се прават максимамални можни напори за да дојде до деескалација и мир.

– Работата е уште покомплицирана. Познато е дека состојбата на теренот се промени на штета на украинските сили и клучно прашање што денеска се поставува е повлекување на тешкото вооружување, бидејќи ако сакаме да дојде до прекин на огнот, а потоа и до мир, тогаш е потребно тешкото вооружување да не може повќе да делува и тоа е главно прашање за кое се дискутира – дециден е Фабијус.

фото: rtl.fr