Фабиус: Франција ја цени македонската поддршка

Во врска со минатонеделните терористички акти во Париз, кои однесоа повеќе жртви,  Република Македонија преку своите институции и Министерството за надворешни работи остро го осуди варварскиот напад на седиштето на весникот “Шарли Ебдо”.

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, во писмо до својот француски колега Лоран Фабиус истакна:  “Во овие тешки моменти би сакале да ја искажеме нашата поддршка во борбата против ова варварство кое пркоси на вредностите кои ни се драгоцени, како што се слободата на мислење и изразување”.

Попоски додава: “Република Македонија остро ги осудува овие кукавички акти на терористите, застанувајќи рамо до рамо на страната на Франција во борбата против  тероризмот”.

Пораката на Попоски најде одзив во Франција, а министерот за надворешни работи и меѓународен развој на Франција, Лоран Фабиус му одговори:

“Терористичкиот напад врз весникот Шарли Ебдо ја погоди Франција во срце. Во име на француската влада и народ сакав да Ви изразам искрена благодарност за силната порака на поддршка и солидарност која во овие трагични околности и ја упативте на Франција”.

Фабиус додава во писмото: “Потребна ни е колективна и обновена определба за одбрана на слободите и заедничка борба против тероризмот. Франција ќе продолжи со напорите во таа насока и знам дека можам да сметам и на поддршката од вашата земја”.