„Фабрика за Афери“: Судот утре ќе ја соопшти пресудата за Чауш

Кривичниот суд утре ќе ја соопшти пресудата за Захир Беќири – Чауш и за неговиот брат Имер Зеќири, кои се осомничени во случајот „Фабрика за афери“.

Чауш и брат му се товарат дека се директно инволвирани во т.н. „Фабрика за афери“ во која се печатени лажни лични документи, пасоши, како и банкарски документи на имиња на државни функционери.

Обвинителката Наташа Гоџоска, како што пренесува Телеграф.мк  денеска во своите завршни зборови, меѓу другото, рече дека од сведочењето на вештаците било потврдено дека дополнително ставање податоци на компјутерски уреди би се покажало, а такво нешто не било утврдено.

Ова се однесува на вештачењето на компјутерските уреди пронајдени во домот на Чауш во кои беа пронајдени 70.000 незаконски прислушувани разговори и база на податоци со украдени идентитети на повеќе од 120.000 граѓани.

Адвокатот на обвинетите браќа, Мирослав Вујиќ, спротивно на Обвинителството, тврди дека податоците пронајдени во уредите им биле вметнати дополнително. Тој побара ослободителна пресуда за Захир и за Имер Беќири.

Двајцата обвинети пред Судот рекоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.

Чауш и неговиот брат се товарат за изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување кривично дело, фалсификување исправа и злоупотреба на лични податоци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.