Фабриката за печурки во Свети Николе ќе вработи 450 лица

Премиерот Никола Груевски,градоначалникот на Општина Свети Николе Зоран Тасев и инвеститорот ИД Балкан ДООЕЛ Тетово, Теодорус Ван Кампен денеска го поставија темелникот на новата фабрика за печурки во индустриската зона „Овче Поле“.

„Република Македонија со севкупната бизнис-клима со сето она што го направивме во изминатиот период со сите оние резултати и рангирања на земјата во редот на најдобрите бизнис-реформатори во Европа и во светот станува се позабележителна и поатрактивна држава за странски инвестиции. Тоа се докажа и на терен и на многу други места каде што се изградија или во моментот се градат фабрики на странски инвеститори“, рече Груевски на поставувањето на камен-темелникот на фабриката за печурки која е холандска инвестиција.

Груевски додаде и дека наскоро ќе започне изградбата на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип која ќе биде од големо значење за бизнисот.

Инаку, фабриката за печурки во првата фаза од инвестицијата планирано е да се вложат околу 3,5 милиони евра додека за пет години севкупната инвестиција се проценува на 25 милиони евра.

На почетокот ќе бидат вработени 30 лица, а за неколку години бројката на нови вработувања треба да достигне до 450.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.