Facebook страна за медицински консултации и совети за здрава бременост

Министерството за здравство креираше Facebook страна со наслов: Здрава бременост, која од вчера е активирана на оваа социјална мрежа и истата е наменета за стручни совети и консултации за бременоста.

Како што информираат од Мин истерството, почнувајќи од денес, по еден доктор-гинеколог на дневна основа ќе одговара на прашањата кои биле поставени во текот на денот и ќе споделува стручни совети и мислења со идните родители.

Денеска во периодот после 19 часот, на сите прашања кои дотогаш ќе бидат поставени на социјалната мрежа, ќе одговори д-р Марија Хаџи Лега, директор на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. Во наредните денови, на поставените прашања ќе одговараат и следните доктори: д-р Весна Ливринова, д-р Горан Кочоски, д-р Ана Данева, д-р Иво Ќаев, д-р Роса Спасова, д-р Катерина Маџункова, д-р Ирена Тодоровска, д-р Корнелија Трајкова, д-р Миле Тантуровски, д-р Арта Бина и д-р Габриела Бушиновска.

Прашањата се поставуваат во коментар или во приватна порака на Facebook страната, а одговорот се добива во приватна порака. Одговорите на најчесто поставуваните прашања ќе бидат и јавно споделени (анонимизирано, без објавување на лицето што го поставило прашањето), со цел информирање на пошироката јавност.

Со ваквиот начин на комуникација овозможуваме директно и непосредно споделување на стручни медицински совети со идните родители, со цел заштита на здравјето на мајката и детето.

Меѓу првите совети споделени на оваа Facebook страна е советот за правилно и потполно пополнување на Мајчината книшка, која бремената жена ја носи со себе на прегледите и во која редовно треба да се впишуваат наодите од сите гинеколошки прегледи. Правилно и потполно пополнетата Мајчина книшка помага за навремено откривање на неправилности во текот на бременоста, а воедно овозможува дежурниот доктор во родилиштето да ги добие сите потребни информации за дотогашниот тек на бременоста.