Фајман: Австрија ќе се придржува кон примената на бегалски квоти

Австрија ќе се придржува кон примената на бегалски квоти, изјави австрискиот канцелар Вернер Фајман, и покрај притисокот од ЕУ да ја одложи оваа спорна мерка, пренесе МИА, повикувајќи се на ДПА.

Ние кажавме дека годинава ќе прифатиме 37.500 молби за азил. Тоа е политичка одлука и таа треба да биде применета согласно законот, изјави Фајман пред новинарите во Брисел по разговорите на самитот на ЕУ.

Нема одлагање, нема промена, дополни австрискиот канцелар.

Извори од ЕУ информираат дека Австрија е подложена на притисок да ја одложи спорната мерка за најмалку еден месец, пренесе ДПА.

Неколку европски лидери побарале Виена да ја одложи мерката до следниот самит на ЕУ, планиран за 17 и 18 март, што ќе биде фокусиран врз миграциската криза во Европа.