„Фајненшл Тајмс“: Германија поддржува создавање европски пандан на НАТО

Германија се залага за формирање на Европска армија, која би била своевиден пандан на Северноатланската алијанса, се оценува во анализа на рускиот експерт Владимир Михеев, објавена во британскиот весник „Фајненшл тајмс“.

Во анализата, како што јави дописникот на МИА од Берлин, се вели дека документот за одбранбени стратегии изработен од страна на германски експерти го открива концептот за формирање на структурна Европска армија.

Оваа армија, според анализата, треба да има заеднички главен штаб со воени и цивилни претставници и плус Совет на министри за одбрана, кој ќе го координира производството на оружје и опрема и ќе раководи со користењето на заедничите воени капацитети.

Во „Белата книга“ подготвена од германски експери, која ја цитира „Фајненшл Тајмс“, се вели дека „Германија е согласна решително и целосно во раната фаза да се приклучи како водечка сила во меѓународната дебата за формирање на Европска армија, и притоа да преземе одговорност и лидерство“

Германскиот документ како основа за своите предлози ги зема мисиите на ЕУ во Чад и Цетралноафриканската Република и антипиратските операции на брегот на Сомалија.

Иако предлогот за заеднички Европски воени сили, одвоени од НАТО, беше споменат и од шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер лани во март, германските стратези свесни за можна „љубомора“ од американската команда со НАТО прецизно наведуваат дека „целта на Еропската армија не е да ја направат ЕУ целосно независна од НАТО, туку Европа поамбициозно да ги дели обврските меѓу Унијата и Алијансата“.

Документот, кој се уште е само една од идеите што циркулираат меѓу земјите членки на ЕУ, треба да биде разгледуван за време на подготовките за Европскиот совет што треба да се одржи во јуни.

Противниците на оваа идеја сметаат дека новата Европска армија ќе и даде на Германија позиција на европски хегемон, особено доколку Велика Британија ја напушти ЕУ. Дополнителен проблем за противниците на идејата е нарушување на концептот за финансирање на НАТО и оттуѓување на САД, како главен севисер на безбедноста на ЕУ.

Авторот на анализата прашува и дали има скриена агенда во германските планови, при што се цитираат мислења на експерти кои даваат можност Германија доколку биде формирана Европска армија предивдените два отсто од средстава што треба да ги дава за НАТО, да ги користи за новите сили.

Дополнително може да се очекува и промена на процентот на воена опрема кој сега е доминантно од американско производство на сметка на германските производители, што ја отвора можноста врз германската „Бела книга“ свое влијание да има и воено-индустрискиот комплекс.

Уште едно прашање со кое се занимава анализата е и влијанието на формирањето на Европска армија врз односите со Русија. Според неа, колку повеќе Европејците имаат влијание врз одбранбените прашања во ЕУ, односно колку помало е инволвирањето на САД во заедничката одбранбена политика на ЕУ, толку подобри ќе бидат односите со Русија.