Македонија

Фајон: Македонската Влада воведе неколку значајни мерки за намалување на бројот на барателите на азил

Фајон: Македонската Влада воведе неколку значајни мерки за намалување на бројот на барателите на азил

Од денеска стапува на сила заштитниот механизам за суспензија на безвизниот режим.Тоа практично значи дека е возможно повторно враќање на визите за граѓаните од чии држави е забележан зголемен број на баратели на азил. Иако во клаузулата е наведено дека механизмот се однесува за сите НЕ-ЕУ држави, изминативе години најчесто се споменуваа земјите од Западен Балкан, јавува дописникот на Нетпрес од Брисел.

Според последните стаистики од Федералниот центар  за азиланти во Белгија, бројот на баратели на азил од Македонија во 2013 година  е  284  или за двојно помалку во споредба со лани.Тоа значи дека македонските граѓани можат барем за сега да се чувствуваат безбедни од укинување на безвизниот режим за слободно движење во европските држави-механизам чие активирање започна денеска.

„Македонската Влада воведе неколку значајни мерки за намалување на бројот на барателите на азил во минатото. Се плашам дека дури мерките се и премногу остри. Секако дека државите од Западен Балкан треба да направат и повеќе кога се работи за одредено малцинство како што се Ромите, бидејќи токму тие се таргетната група азиланти.Од друга страна и граѓаните треба да бидат свесни од опасноста и кој е всушност лимитот при безвизното патување.Тоа значи дека владите треба да направат се што е во нивна можност, за државите членки на Унијата да немаат аргументи,“ изјави европратеничката Тања Фајон.

За потсетување  Германија, Франција, Холандија, Белгија, Данска и Англија беа државите кои ја иницираа потребата за воведување на заштитната клаузула за повторно враќање на визниот режим за некои држави од Западен Балкан. До денеска нема информација дали уште некоја држава поднела жалба за зголемениот број на баратели на азил и побарала воведување на заштитниот механизам.

„Нема нешто ново и нов развој во последниов месец.Состојбата е активна и грижите на некои од земјите членки продолжуваат во однос на трендот кој не паѓа,“- рече портпаролот на Европската Комисија, Микеле Черконе.

Па сепак официјалните бројки од Федералниот центар во Белгија бележат драстично намалување на баратели на азил во оваа држава. Односно вкупно 14.774 за 2013 год, за разлика од предходната година кога бројот изнесува 21.463.

Инаку според експертите повторно воведување на визен режим на било која држава ке биде долготраен процес, од причини што за тоа потребна е согласност од сите членки на Унијата како и од страна на Европскиот парламент.

Од канцеларијата за односи со јавноста во Европскиот Совет денеска не добивме информација која од државите од Западен Балкан најмногу се соочува со можноста за  укинување на безвизниот режим.