„Фактор консалтинг“ го негира Николовски за „Јапонска помош“

Компанијата „Фактор консалтинг“ ги демантира тврдењата на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостапанство Љупчо Николовски во однос на проектот „Јапонска помош“. Во реакција до медиумите наведува дека цифрите кои ги изнел Николовски на конференцијата за печат не се точни, а неточно е и тоа дека парите се исплаќани без покритие.

-Единствена точна информација е дека компанијата „Фактор консалтинг“ беше ангажирана во периодот од 2010 до 2014 од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостапанство во однос на проектот познат како „Јапонска помош“. Одговорно тврдиме дека соработката со МЗШВ, во предметниот период, се одвиваше врз основа на добиен тендер по транспарентна постапка, со што компанијата „Фактор консталинг“ доби обврска да наплати долг од кредитите кои ги земале земјоделците, но не го враќале навреме, се вели во соопштението од „Фактор консалтинг“.

Компанијата наведува дека преку писмени месечни извештаи го информирале МЗШВ за процентот на наплатени средства од овој Фонд.

– Во времетраењето на договорот на сметка на фондот беа наплатени над 80 милиони денари, додека Министерството годишно собирало во просек значително помалку. Се разбира, како економски субјект, тоа го правевме за одреден финансиски надомест, кој јасно е дефиниран во договор со Министерството и претставува пазарен минимален процент особено за посредување при наплата на побарувања, кои поинаку би биле отпишани. Изнесените цифри на конференијата за печат не се точни. Уште помалку е точно дека парите се исплаќани без покритие. За секоја исплатена сума постои уредно доставен извештај, фактура и договор. Воедно поради неажурноста на Министерството во наплатата на нашето побарување бевме принудени да поднесеме и тужба при што е постигната и судска спогодба за долгот, а со тоа е и потврден нашиот ангажман од страна на судот, пишува во реакцијата.

Од „Фактор консалтинг“ наведуваат дека дополнителниот заменик министер Николовски ќе мора да ги докаже своите тврдења на суд.