Фактот што СЈО упорно ги крие финансиските податоци, упатува на перење на пари и незаконски трансфери

SJO

Срамното непостапување на СЈО по законската обврска да достави детален финансиски извештај со отчет за тоа каде ги има потрошено народните пари дава за право граѓаните и државните органи да се сомневаат во можна злоупотреба на службената должност на Катица Јанева, но и можна злоупотреба на народните пари за цели кои не се потребни за работата на овој орган.

Експертската јавност со негодување поради тоа што СЈО досега не достави детален финансиски извештај и упорно веќе цела година крие каде оваа институција ги троши финансиските средствата, кои и се ставени на располагање. Според нив, нормално е кога нема официјални информации, односно извештај, да кружат шпекулации и сомнежи дека парите се потрошени надвор од законот, или дека зад работата на СЈО се крие милионски финансиски криминал.

Според универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска самиот факт што СЈО упорно ги крие финансиските податоци упатува на заклучок дека е можно оваа институција да врши незаконски трансфери на пари и други дејствија кои се надвор од законот.

Не може Јанева да зема експерти по кривична постапка и да ги плаќа со народни пари чии што износи не ги објавува, затоа што таа заедно со нејзиниот тим е должна да биде најголемиот експерт од казнената материја. Друга е работата што не е, и зошто е избрана токму таква неука. Самиот факт дека Јанева упорно ги крие финансиските податоци упатува на заклучок дека во случајов е можно да се утврди постоење на незаконско работење, незаконски трансфери на пари од фирми блиски до СЈО и СДСМ на поединци, перење на пари и други дејствија кои се надвор од законот. Како што веќе нашироко се зборува во јавноста СЈО најверојатно со милионските суми народни пари финансира бројни активисти од т.н. Шарена револуција, бројни експерти, новинари и слични лица кои имаат обврска да го бранат работењето на СЈО и да плукаат по сите оние што пишуваат обратно од нив, вели за Нетпрес, универзитетската професорка.

Ваквото однесување на Јанева и на СЈО, според Каракамишева-Јовановска, е преседан не само во македонскиот систем, туку и многу пошироко.

Тоа што си го дозволи Јанева во своето работење и постапување е пример на лоша практика на работење на државен орган и на носител на јавни овластувања. Но, непознавањето на правото или желбата да се изживува во правниот систем не може да ја ослободи од правната одговорност. Казната мора да ја стигне. Кога сме кај казната мислам дека нема поголема казна кога буквално цела фела ти го врти грбот, посочува таа.

За да нема такви сомнежи, како и сите други институции кои ги избира Собранието на РМ и како што предвидуваат законите и СЈО требаше да достави извештај со законодавниот дом и со оглед на тоа дека станува збор за институција која има огромен буџет, задолжително е извештајот да се презентира пред пратениците, смета аналитичарот Александар Даштевски.

Според него, тоа што СЈО на секој начин избегнува да одговори за што се потрошиле парите и кај кого завршиле, укажува на злоупотреба на финансиски средства.

Самиот однос на специјалната обвинителка, според мене нејасно е кој и дал одврзани раце, односно дали самата си го земала тоа право или пак некој внатрешен или надворешен фактор и го дал, кога самата одлучува дека нема да поднесува извештај и нема да го брани тој извештај, е нетранспарентен. Но сега гледаме и зошто таа така се однесува, затоа што во СЈО имало трошење на буџетски средства за вработување на роднини и пријатели и за партиски вработувања, сведоци сме дека во институцијата се вработија и лица од Шарената револуција, меѓу нив и Боки Бургија, лице кое е член на СДСМ и што воопшто не е добро за една таква институција, бидејќи токму поради тоа се отвораат сомнежи дека има некоја непосредна соработка што не смее да ја има, ниту според законот, ниту според етичките принципи, вели Даштевски во изјава за Нетпрес.

Поради непрофесионалната работа на Јанева, реагираа и од Основното јавно обвинителство, од каде упатија отворено писмо до специјалниот јавен обвинител Катица Јанева, во кое изразуваат незадоволство од нејзиното постапување и, како што велат, срамната непрофесионалност со која, како што посочуваат, таа прави штета на јавно обвинителската професија.

Ние, јавните обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје кои работевме на предмети кои Ви беа доставени, како и сите други јавни обвинители, Ви се обраќаме јавно, за на ваков начин најотворено, недвосмислено, најостро да Ви укажеме на нашето незадоволство од Вашето постапување и срамната непрофесионалност со која правите штета на јавно обвинителската професија, напишано е во писмото до јавноста.

Воедно се наведува дека причина за писмото е нејзиното последно појавување во јавноста и последните случувања, во кои Јанева изнела неколку невистини пред македонската јавност.

Истакнавте дека во предметите кои нашето обвинителство Ви ги предаде согласно законските одредби, немало ниту едно преземено дејствие, дека биле заведувани под деловоден број каде се заведувале небитни предмети кои и по десетина години останувале нерешени. Ве потсетуваме, а за жал тоа треба и самите да го знаете бидејќи на ист начин и под исти стандарди работевте во гевгелиското јавно обвинителство, пишува ОЈО.

Целосна поддршка на отвореното писмо кое ОЈО го упати до до Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите пристигна и од Здружението на јавните обвинители.

Доследната примена на професионалните стандарди и интереси на членството и заштитата на достоинството и угледот на носителите на јавнообвинителската функција се дел од целите на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија, во кое членуваат јавните обвинители од државата, како и стручни јавнообвинителски службеници од јавните обвинителства, велат од Здружението на јавните обвинители на Република Македонија.

Истакнуваме дека сите членови се должни својата работа да ја темелат врз основа на почитувањето на принципите на чесност, професионалност и достоинство, на одредбите на Етичкиот кодекс на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија. Принципите кои треба задолжително да бидат водилка во работењето на сите членови, јавни обвинители и стручни јавно обвинителски службеници се законитост, непристрасност и независност, професионалност и правичност, хумано и човечко однесување и колегијалност. Сето ова е императив во вршењето на јавно обвинителската професија, во постоењето на високо морален и професионален лик, се наведува во соопштението од Здружението на јавните обвинители во Република Македонија.

Оттаму додаваат дека се чувствувале повикани да ја одбрани јавно обвинителската професија, во услови кога унапредување на општествениот статус на членовите, како што посочуваат,  е доведен во прашање и е нарушен угледот на професијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.