Фалкао не прецизираше дали е пред трансфер во редовите на Реал (М)

Најскапата аквизиција во клупската историја на францускиот прволигаш Монако, колумбискиот интернационалец Радамел Фалкао не даде конкретен одговор на прашањето дали е можно во новата клупска сезона да го носи дресот на шпанскиот гигант Реал (М).

„Разговарав со многу фудбалски фанови за време на мојата посета на Мадрид. Сите ми посакаа што е можно побрзо да се рехабилитирам од тешката повреда на коленото и да бидам дел од престојниот Мундијал во Бразил. Точно дека имаше и такви кои ме прашаа дали во новата сезона ќе го носам дресот на Реал (М). Сите опции се во игра, но јас им кажав дека сега сум фокусиран само на толку посакуваниот кам-бек. Јас сум реален и се што сакам е да се опоравам од тешката повреда и повторно да го облечам дресот на мојот нов клуб, Монако. Ако се пласираме во групната фаза од Лигата на шампиони, тогаш сакам да бидам подготвен и за тој голем предизвик. Во овој момент, најважно ми е повреденото колено”, изјави 27-годишниот напаѓач.