Фалсификувала документ за да земе број на претплата, ги оштетила Т-мобиле за 15.000 евра

Дваесет и осумгодишна скопјанка заработи кривична пријава откако е откриена дека фалсификувала документ за да може да земе број на претплата од Т-мобиле, а при тоа го оштетила мобилниот оператор за речиси 15.000 евра, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи.

Според полицијата, Е.Е. во јануари лани  фалсификувала потврда дека е вработена во фирмата „Мини Ефтинија“ и со неа поднела барање за склучување два договори за засновање претплатнички однос.

„Во јануари 2013 година преку реализирање на месечни разговори на двата телефонски броја, Е.Е. направила сметки, кои износи заедно со износите за февруари 2013 год и разликата во повластената и редовната цена за земените телефонските апарати изнесувале вкупно 873.006 денари, за кој износ го оштетила Т-Мобиле Македонија АД Скопје. Извршени се проверки во Агенција за вработување на РМ Центар за вработување на град Скопје и добиено е известување дека Е.Е. не била вработена во наведеното правно лице, со што се потврдува дека употребила лажна исправа како вистинска“, се вели во информацијата од МВР.