Фантастичен гол на Мата за триумф на Шпанија на „Филип Втори“ (ВИДЕО)

Шпанија славеше на арената „Филип Втори“ со минимални 1:0, нешто што беше и очекувано, но сепак ако ништо друго по подолго време нашиот најголем стадион се наполни.

Се разбира не беше исполнет до последното место, но имаше пристојна посета, а поголемиот дел од љубителите на фудбалот секако дојдоа поради големите ѕвезди како што се Диего Коста, Санти Казорла, Рамос, Пике, Бускетс, Мата, Иниеста…

„Црвената фурија“ одигра како на тренинг, одиграа колку што беше потребно, а почетната иницијатива ја крунисаа уште во 8-та минута со прекрасниот гол на Хуан Мата кој откосо, од тешка позиција успеа да го лобува Томе Пачовски.

Во првиот дел имаше уште две возбудувања пред двата гола. Најнапред Петровиќ од петнаесетина метри се закани, но неговиот удар заврши над голот, а на спротивната страна Карвахал се обиде во стилот на Мата, но ја погоди гредата.

На самиот почеток од второто полувреме Хасани биеше над пречката, а неколку минути подоцна истиот играч не успеа да реализира убава шанса, па по неговиот шут топката заврши во паднатиот Мирко Ивановски.

Тоа беше се што видовме од двата тима. Македонската фудбалска репрезентација повторно одигра слаб натпревар, па и по овој дуел ќе остане на последното место на табелата, додека Шпанија рутински стигна до нови три бодови и прво место во групата.

Следниот меч Македонија го игра повторно на домашен терен, против Украина на 9-ти октомври.

ФОТО: ЕПА

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.