Фармери со трактори го блокирале седиштето на ЕУ во Брисел

Белгиски фармери утрово го блокирале со земјоделски машини плоштадот Шуман во Брисел, каде се наоѓа седиштето на повеќето европски институции, јавува МИА.

На протестот на земјоделците против строгите мерки за штедење, кој бил планиран за вториот ден од самитот на шефовите на држави и влади членки на ЕУ, им се приклучиле и антиглобалистите кои се против склучување Трансатлантски трговски договор меѓу ЕУ и САД.

Самитот неочекувано завршил еден ден претходно од планираното, а обидот на демонстрантите да ги спречат европските лидери да влезат во зградата на Европскиот совет бил неуспешен, бидејќи синоќа заминале.

На плоштадот Шуман се распоредени кордони на белгиската полиција, но протестот засега минува мирно.