Fashion night out со „VIBRAZIONI by Aleksandra Mitkovska“

Во шоурумот и бутикот на „VIBRAZIONI by Aleksandra Mitkovska“, во среда на 18 декември најновата колекцијата на дизајнерката ќе биде презентирана по теркот на брендовите на светските дизајнери.

Модната дизајнерка Александра Митковска која на последното издание на „Моден викенд Скопје“ претстави само мал дел од колекција есен/зима за идната година насловена како „Премиера“, од 17 до 22 часот на сите љубители на софистицирани модни парчиња ќе им овозможи да го видат остатокот од истата колекција.

Во шоурумот ќе бидат изложени капути, палта, здолништа, панталони, фустани и други зимски парчиња во препознатливиот екстравагантен стил на Александра Митковска.

Во релаксирана атмосфера, посетителите ќе можат веднаш да си купат од презентираните модели.
Комерцијалниот дел од колекцијата наречена „Премиера“ е направена во вкупно 3000 парчиња за домашниот и странските пазари и е првата колекција на Митковска со сериско производство.