Фатаморгана новинар за фатаморгана новинарство

Фатаморгана е позната работа. За некои тоа е репликата на Перхан од култниот филм Дом за бесење. За науката тоа е појава или природен феномен во кој еден субјект си создава нереална (непостоечка) перцепција. Народски кажано, си мисли дека гледа нешто, а тоа што мисли дека го гледа во реалноста всушност не постои.

Последен пример на фатаморгана во Македонија е случајот Бесим Ибрахими. Човек, кој според МВР учествувал во толпа која правеше неред и милитантно се однесуваше при протестите на фундаменталистите по скопските улици, а кои се однесуваа на пресудата на основниот суд во случајот „Монструм“ во кој беа егзекутирани четири малолетници и еден рибар на Смилковското Езеро. Бесим Ибрахими од учесник во толпа, која предизвикува неред, некои структури во Македонија се обидоа да го претстават како новинар. Иако никој не знаеше дека тој е новинар дотогаш. Па, кога тоа го увидоа, оние кои пробаа да го трансформираат во новинар, ретерираа и почнаа да го претставуваат како новинар-практикант, колку чудно и да звучи таа кованица новинар-практикант.

А уште позачудувачки и неверојатно е дека и доколку бил таков, а не бил, редакцијата „Лајм“ би пратила таков човек да известува од еден така значаен настан.

Вистината е дека 22-годишниот Бесим Ибрахими ниту е новинар, ниту е новинар-практикант.

Извор на Нетпрес во Агенцијата за вработување, каде што се води евиденција за секој заснован работен однос, и тоа и оној на определено и оној на неопределено работно време, потврди дека не постои никаква евиденција дека Бесим Ибрахими е новинар во редакцијата „Лајм“, односно нема никаква евиденција дека Бесим Ибрахими имал било каков заснован работен однос со „Лајм“.

Бесим Ибрахими нема никаков однос на исплата или уплата на средства (каков што би имал доколку е новинар или новинар-практикант) со редакцијата „Лајм“, ниту по основ на договор за дело или пак авторски договор, ниту пак волонтерски договор, ни потврди извор и од Управата за јавни приходи, која пак води евиденција за секоја уплата и исплата помеѓу два субјекта кои имаат било каков однос.

Значи Бесим Ибрахими не е новинар. Тој е фатаморгана новинар. А, оние кои се обидоа да го трансформираат, или подобро кажано да го произведат во новинар, во прв ред Насер Селмани, глумат фатаморгана новинарство. Во таа фатаморгана, за жал, една структура составена и од јавни личности, новинари, активисти на невладини организации сакаат да капитализираат поени за себе или за една политичка групација, со креирање на перцепција дека државата не се однесува коректно кон новинарите, за на тој начин да продолжат со дување на вештачкиот балон за наводна неслобода на новинарството, тема од која и за која веруваме имаат длабок интерес, можеби и финансиски. И за да затскријат дека основниот суд донесе пресуда против лица за кои постојат цврсти, потворувам цврсти докази(кои заради постапката и законот не смеат да бидат јавно објавени) дека свирепо убиле пет луѓе. Пет луѓе. Тоа е дрско, брутално и нечесно однесување.

Без етика, без стандарди. Напротив со чиста политизација и одработување за туѓи интереси, или само ним познати интереси, но сигурно на штета на интересите на граѓаните на Македонија и на штета на Република Македонија.

И за крај, уште еднаш за да биде јасно и за да се разбијат фатаморганите, затоа што тие во ниту еден случај не се позитивна работа. Бесим Ибрахими не е новинар.

И на крај на текстот, ама на почеток на мислата. Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Борче Стефковски. Да ги споменеме, затоа што како да ги заборавивме, како да заборавивме сите дека овие пет животи се неповратно изгубени. Тие беа свирепо убиени, и за нивното убиство се изречени пресуди, и тоа врз основа на докази. Нив не може никој да ги врати. Вечна им слава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.