Фатен бегалецот од гостиварскиот суд

Полициски службеници кои биле вклучени во потрагата го откриле и привеле лицето кое им побегна на затворското обезбедување. Станува збор за 39 годишен албански државјанин, осомничен за разбојништво кој денеска бил донесен на судење во Основниот суд Гостивар, пренесе МИА.

Според СВР Тетово, непосредно по пријавувањето на бегството, полициски службеници ја започнале потрагата и по неполни два часа го пронашле бегалецот. Тој се сокрил во помошен објект од една куќа, во близина на судот. По приведувањето, е пренесен во гостиварската болница, каде му биле санирани повредите кои ги задобил при бегството.

Притвореникот, непосредно по распитот во судница, искористил можност и со скок од првиот кат им побегнал на затворските чувари кои претходно го донеле од затворот „Шутка“ во гостиварскиот суд.