Фатен крадецот што ограби спортска обложувалница во Капиштец

Фатен крадецот што ограби спортска обложувалница во Капиштец. Кривична пријава е поднесена против 38-годишниот С.Ѓ. од Скопје поради основано сомнение дека извршил кривично  дело „разбојништво“. Од страна на Судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.

Како што информира МВР, пријавениот разбојништвото го извршил во петокот околу 20,00 часот на ул. „Васил Ѓоргов“ поточно во обложувалница „Спорт Лајф“ лоцирана во трговскиот центар Капиштец, на тој начин што откако маскиран со фантомка и вооржен со пиштол влегол во обложувалницата се заканил на вработената и уште едно лице кое било присутно во објектот и побарал истата да му ги даде парите.

Откако таа му ги дала парите од фиоките истиот ги ставил во кеса и го напуштил објектот упатувајќи се кон трговскиот центар „Беверли Хилс“. Лицето кое било затекнато во објектот веднаш излегол после пријавениот следејќи го и видел како истиот влегол во такси возило по што веднаш излегол, бидејќи истото било најверојатно зафатено по што се обидел да сопре друг автомобил со кој управувало женско лице, но откако и во тој обид не успеал да запре возило, застанал на средината на улицата и запрел автомобил „Форд Ескорд“ со скопски регистерски ознаки, влегол во него и седнал на совозачкото седиште по што го замолил возачот да го однесе побрзо до Карпош 4 под изговор дека го нападнале три лица и истиот го однел до бараното место и го оставил.

Лицето кое било присутно во објектот веднаш го пријавил настанот во СВР Скопје и околу 22,00 часот од страна на ЕПОИ Алфа на улица „Бојмија“ сопрен е возачот на возилото „Форд Фокус“ кој го превезувал пријавениот и истиот бил приведен во полициската станица Центар каде бил извршен разговор, а возилото со потврда било одземено.

Од страна на полициски службеници по превземени оперативни мерки и активности  бил утврден идентитетот на пријавениот по што истиот бил приведен од страна на ЕПОИ Алфа на ул.„Цветан Димов“.

Со него бил извршен разговор во полициската станица во Центар во кој истиот го признал кривичното дело и во целост го појаснил начинот на извршување. С.Ѓ. во разговорот појаснил дека откако се симнал од возилото се упатил на ул.„Разловечко Востание“ каде престојувал под кирија, се пресоблекол го оставил пиштолот, а со себе ја зел ќесата со парите и плетената капа фантомка и се упатил кон населба Чаир каде што по кратко време бил приведен.

Во моментот на приведување ќесата со парите наводно ја фрлил, а додека фантомката успеал да ја сокрие под совозачкото седиште во возилото од ЕПОИ Алфа со кое и бил доведен во полициската станица Центар.

Во саботата по претходна судска наредба извршен е претрес во домот на пријавениот каде што привремено престојувал биле пронајдени и одземени еден пиштол марка „Екол Специјал“ 99 со една рамка и 17 парчиња муниција 9 мм, еден пиштол марка „Вамиро“ 8 мм и една празна рамка за истиот кои се предадени на вештачење, еден контакт клуч за возило како и облека и обувки. Во ПС ОН Бит Пазар било извршено  препознавање и од страна на оштетената истиот бил препознаен како сторител на кривичното дело.

С.Ѓ. е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти за што од страна на СВР Скопје во временскиот период од 1998 до 1999 година поднесени му биле три кривични  пријави.