Фатени како консумираат хероин во хотелска соба

Дебарец на возраст од 21 година, на 26 јануари бил затекнат во еден хотел во Струга заедно со Б.И. (33) од Струга и Д.Б. (21) од Дебар, која претходно ја изнајмил по што ги повикал двајцата пријатели да консумираат хероин.

„Поседувајќи квалитетни оперативни информации за можната средба, полициските службеници ги следеа движењата на пријавениот Е.К. и двајцата негови пријатели, инаку, познати наркозависници. Откако беше забележано нивното влегување во хотелот во Струга, оперативците за борба против дрога, влегоа во хотелската соба и во видно зачадената просторија, ги затекнаа трите лица при консумирање на опојната дрога хероин“, соопшти СВР Охрид.

На масата биле забележани повеќе нагорени фолии со траги од кафеава материја и две помали најлонски кеси со траги од кафеава материја, а по вештачењето на нив било утврдено присуство на хероин.