Фатени скопјани кои извршиле тешка кражба во куќа

Кривична пријава заработија двајца скопјани кои извршиле тешка кражба во куќа во Скопје. М.Т.(22) и Ф.И.(20) од Скопје со кражбата се стекнале со противправна имотна корист од околу  15.000,00   денари. Првопријавениот покрај кривична пријава заработи и мерка притвор во траење од 8 дена.

Како што информира МВР, пријавените кривичното дело го извршиле на први септември годинава во куќа на улица  „Јан Хус“. Откако предходно дошле на горенаведената адреса со патничко моторно возило „БМВ“ истите ја прескокнале оградата и со употреба на погоден алат и физичка сила го отвориле прозорот од една од собите.

Откако влегле во куќата пронашле и украле еден машки паричник со пари (денари и албански леки) и  златен накит по што со возило го напуштиле местото на настанот, но притоа биле забележани од страна на минувач.

По превземени мерки и активности од страна на полициски службеници и од доставеното ЦД со видео запис од безбедносната камера во куќата утврден е идентитетот на лицата и начинот на кој е извршено кривичното дело.

Со претходно добиена судска наредба   извршен е  претрес во домот во кој престојуваат пријавените и во домот на  М.Т. пронајдено и со потврда е одземено предметното патничко моторно возило марка „БМВ“.

Возилото било препознаено од страна на сведокот и по извршеното  препознавање по фотографии на лица познати сторители на кривични дела истиот ги препознал пријавените.

Со пријавените бил извршен разговор во  кој тие во целост го појасниле начинот на извршувањето на кривичното дело.

Првопријавениот посочил дека украдените албански леки ги сменил во менувачница лоцирана во Старата Скопска Чаршија, а златото го продал во златарски дуќан исто така лоциран во Старата Скопска Чаршија по што добиените парични средства ги поделил со второпријавениот.

Инаку М.Т. е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти, кривични дела против јавниот ред како и кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај.