Фатмир Дехари уште еднаш кандидат на ДУИ за градоначалник на Кичево

Кичевскиот огранок на Демократската унија за интеграција, со поддршка на сите 35 локални совети и другите локални партиски форуми, со присуство на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во средата вечерта донесоа одлука актуелниот градоначалник Фатмир Дехари да се трка за уште еден мандат на претстојните локални избори кои ќе се одржат на 15-ти октомври.

„По конструктивните и продуктивни дискусии, во победнички и обединувачки дух, едногласно се одлучи дека сите партиски и општествени структури во Општина Кичево заеднички ќе ја поддржат кандидатурата на актуелниот градоначалник, Фатмир Дехари“, се наведува во соопштението на ДУИ.

На истиот состанок било одлучено носител на листата за општинскиот совет да биде Аќиф Медиу, шеф на изборниот општински штаб, Адем Карага, додека портпарол на кампањата Фатмир Лимани.

Исто така, оценувајќи ја досегашната работа на локалната власт од ДУИ апелирале „до сите субјекти и други заедници во Кичево, заедно со кичевската дијаспора, да ја поддржат кандидатурата на Дехари кон следната победа“.