ФБИ ги објави разговорите: Убиецот од Орландо се претставил како војник на ИД

Убиецот од Орландо Омар Матен во повикот во полиција рекол дека е војник на ИД за време на масакрот и побарал од преговарачот САД да престанат да ги бомбардираат Сирија и Ирак. Ова го покажуваат транскриптите од разговорите што ФБИ ги објави вчера, пренесува АП.

Делумните транскрипти биле од повикот во полиција на Матен и од трите разговори што тој ги имал со полицискиот преговарач за време на најголемото масовно пукање во поновата историја на САД, во кое 49 лица ги загубија животите, а неколку десетици биле повредени.

Овие разговори заедно со објавите на Фејсбук на Матен пред и по нападот, беа објавени во јавноста за да се даде увид во последните часови од неговиот живот.