ФБИ : Уништувањето на „калифатот“ на ИД ќе доведе до невидена експлозија од тероризам

Светската заедница треба да се подготви за значајно зголемување на екстремистичките напади, што неминовно ќе се случи во следните неколку години како резултат на уништувањето на калифатот на Исламска држава, што беше прогласен во Ирак и Сирија, предупреди директорот на ФБИ, Џејмс Коми, цитиран од ТАСС.

На сослушувањето во комисијата за национална безбедност на американскиот Сенат, Коми изрази целосна убеденост дека е неизбежно уништувањето на „калифатот“ на ИД.

-Таканаречениот калифат ќе биде уништен, но предизвикот ќе се состои во тоа дека ќе останат стотици крајно опасни луѓе – сегашни борци на ИД. Сите тие нема да бидат убиени на бојното поле во Сирија и Ирак. Во следните две до пет години ќе се појави „терористичка дијаспора“, која ќе претставува нешто невидено досега, предупреди тој.

„Должни сме да се подготвиме и самите ние и нашите сојузници, особено во Западна Европа, за ефектите од оваа закана“, додаде шефот на ФБИ.