Федерер ја покажа целата своја величина – нова победа против Ѓоковиќ

Федерер не го препушта водството во дуелите против Ѓоковиќ - резултатот сега е 22-21 во корист на Швајцарецот

Федерер славеше во два сета, со 7:5 и 6:2, прекинувајќи ја фантастичната серија од 23 победи на српскиот тенисер.

Ова беше шанса за Ѓоковиќ првпат во кариерата да поведе во дуелите против Швајцарецот, меѓутоа големиот ас на “белиот спорт” одигра маестрално кога требаше и повторно поведе, со 22-21.

Во првиот сет и двата тенисера играа доминантно на свој сервис, сѐ додека не дојде 12-от гејм, кога Федерер двапати имаше брејк-топка и вториот го искористи за водство од 1-0 во сетови. Во вториот период разликата беше поочигледна.

Иако Ѓоковиќ веднаш го возврати брејкот кој го загуби уште на стартот, сепак многу бргу Федерер повторно го “скрши” Србинот и поведе со 4:2 од што немаше враќање.

Со оваа победа Федерер не е математички сигурен, но реално е невозможно да биде тргнат од првото место во групата А.

Потребен му е само еден сет, па макар и да загуби од Нишикори во последното коло за да го задржи врвот. Иронично е тоа што Ѓоковиќ ќе треба да навива за Федерер во тој дуел, ако сака да не се случи да отпадне од полуфиналето, дури и ако го совлада Бердих во последното коло.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.