Македонија,Економија

Фејсбук и Дизни се возат со автобусите на македонскиот Ван Хул

Фејсбук и Дизни се возат со автобусите на македонскиот Ван Хул
фото: МИА - Вицепремиерот Пешевски и министерот Самак пред неколку дена ја посетија фабриката во Бунарџик

Веќе четири автобуси произведени во македонската фабрика на “Ван Хул” возат за потребите на Фејсбук, како и на редовните маршрути на Дизни, а има порачки и од Гугл и Епл, пишува весникот „Вечер“.

Вицепремиерот задолжен за економски прашањ, Владимир Пешевски завчера ја посети фабриката на белгискиот произодител на автобуси во Бунарџик. Пешевски вели дека покрај американскиот, од овде ќе се опслужува и европскиот пазар.

„Наша задача е да го следиме прогресот на компаниите во зоните и како нивните добавувачи да дојдат овде. Самиот сопственик кажа дека во нивен интерес е поголем дел од компонентите да се произведуваат во Македонија. Веќе 40 заварувачи се обучени за потребите на “Ван Хул” и се разбира, задоволство е да се види една ваква голема фабрика. Потребно е да донесеме уште вакви фабрики за на тој начин да се намали невработеноста“, рече вицепремиерот.

И сопственикот на фабриката Филип Ван Хул не го криеше своето задоволство од реализацијата на оваа инвестиција. Тој потенцираше дека иако почнале пред една година сепак се најблиску до нивниот целосен потенцијал за производство на автобуси, вклучувајќи и три производствени линии од вкупно четирите планирани. 

„Ние веќе имаме доставено 100 автобуси за американскиот пазар, а во втората половина на оваа година ќе почнеме со производство на европскиот модел на автобуси за европскиот пазар и планирано ни е да произведеме помеѓу 400 и 500. Многу сме среќни што соработуваме со македонската Влада и што инвестиравме тука во Македонија“, изјави Ван Хул.

„Ван Хул“ на македонскиот пазар е присутен од јули 2012 година каде направи инвестиција од 20 милиони евра во ТИРЗ 1. Фабриката почна со работа во јули 2013 година и успешно ја спроведува својата инвестиција каде има вработено 430 лица во првата фаза, додека во зависност од побарувањата на пазарот предвидено е да стигне до бројка од 600 до 650 лица. Фабриката има склучено договори со македонски компании како што се “Уни Пласт” од Струга и “Актива” од Штип кои активно учествуваат во процесот на производство.

Реализацијата на овој проект на Македонија ќе и донесе подобар нето трговски баланс со САД во вредност од 20 милиона евра на годишна основа.