Фејсбук се соочува со испрашување заради извршената студија

Надлежните органи во Велика Британија истражуваат дали Фејсбук го прекршил законот за заштита на податоците кога спроведувал студија за психолошките ефекти врз корисниците без нивна согласност.

Во текот на тестот спроведен за студијата биле изманипулирани времепловите“ на скоро 700.000 корисници за да се контролираат емотивните пораки на кои биле изложени.

Од надлежните британски иснтитуции изјавиле дека планираат испрашување во врска со студијата, пишува Би-Би-Си. Од „Фејсбук“ рекле дека ги спровеле „сите соодветни заштитни мерки за информациите на луѓето“ и дека „ќе бидат среќни да им одговорат на сите прашања кои ги имаат регулаторите“.

Надлежните институции во Британија исто така изјавиле и дека ќе ги исконтактираат соодветните власти во Ирска по тоа прашање. Европското седиште на „Фејсбук“ се наоѓа во Даблин.

Споменатото истражување било спроведено во една недела од јануари во 2012 година во соработка со Универзитетот од Калифорнија и Корнел Универзитетот.

Експериментот манипулирал со содржините со намера да се тестира дали корисниците ќе го променат сопственото однесување во поглед на изборот на содржини и објави заради информациите и типот на објави на кои се изложени на своите „Фејсбук“ профили.

Надлежните институции во Британија кои делуваат во полето на медиумите, побарале истрага за ваквото постапување на компанијата.