Крими хроника

Фејзи Азири со алиби за масакрот кај Смилковско Езеро

Фејзи Азири со алиби за масакрот кај Смилковско Езеро

Три часа траеше распитот на четвртообвинетиот во случајот „Монструм“, Фејзи Азири. Тој пред судот негираше дека има врска со убиството на момчињата и рече дека обвинението е монтирано. На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи, рече дека комуницирал со високи функционери на ДУИ, меѓу кои и со Невзат Бејта и Изет Меџити.

Откако излегол од притвор тој рече дека се сретнал и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а разговарал и со тогашниот градоначалник на општина Илинден, Жика Стојановски.

На прашањето на обвинителката што разговарал со политичарите и функционери на ДУИ, тој одговори за партиски работи и за субвенции. Четвртообвинетиот во „Монструм“ одговараше на прашањата на обвинителите од СЈО што правел на критичниот ден кога било убиството на момчињата од Смилковци, како и на 26 април, ден за кој е обвинет дека го помогнал бегството на првообвинетите. Тој се сети на сè што правел на денот кога било убиството на момчињата, од наутро до доцна вечерта и пред судот рече дека бил кај познајник кој му должел пари, односно отишол кај него дома и се поздравиле, по што тој му ги дал парите.

На денот за кој е обвинет дека го помогнал бегството на другите обвинети, неговото алиби пред судот е дека заедно со уште едно лице требало да товарат и пренесат трупци за Брест.

Следното рочиште во случајот „Монструм“ е закажано за 25 мај кога ќе продолжи распитот на другите обвинети. Обвинителката Фетаи по денешното рочиште не сакаше да коментира дали ќе има нови обвинети или промени во обвинението. Поради сензитивноста на случајот во судницата, најави нови докази кои ќе треба да го расветлат настанот.