Ферари го сака Браун

Новиот тимски шеф на Ферари, Марко Матијачи, призна дека италијанскиот тим работи на враќањето на Рос Браун во Маранело, но не даде оптимистичка најава за повторно воспоставување на соработката со успешниот инженер.

Рос Браун и Рори Брн беа оние кои го направија Михаел Шумахер светски првак со Бенетон, а потоа под диригентската палка на Жан Тод го сторија истото и во Ферари. Во интервју за Си-Ен-Ен конечно оваа тема била расветлена со признание на Матијачи дека тие прават се што можат да го вратат назад.

– За танго се потребни двајца. Можеби Рос е среќен со она што го работи. Тој е икона во Маранело, сите би сакале да го видат назад во Ферари. Тој е еден од најпочитуваните личности во Формула 1, со најголемо знаење и педигре. Секој би бил среќен со некој како Рос,- изјавил Матијачи.

На почетокот од годинава медиумите го уловија Браун во Италија и во посета на Маранело, но тој негираше дека посетата била официјална, туку само прошетка низ Италија со група пријатели во потрага по добро вино.

– Во моментов јас градам нов тим. Џејмс Алисон е технички директор и почнувам од таа точка,- изјавил Матијачи.

Рос Браун го напушти Ферари во 2006 година по пензионирањето на Михаел Шумахер и се врати во Формула 1 како тимски шеф на Хонда, која инцидентно реши да се повлече на крајот од 2008 година и му го препушти тимот. Тој со него ја освои титулата во 2009 година, по што го продаде на Мерцедес, каде што беше тимски шеф и акционер до лани. Се шпекулира дека освен од Ферари, тој има понуди и од Мекларен, каде што Хонда станува технички партнер на екипата од 2015 година.