Фергусон: НАТО ја почитува воената неутралност на Србија

Не можеме да го промениме тоа што се случило во  минатото, но сметам дека односите меѓу НАТО и Србија се унапредени и денеска можам да кажам дека работиме заедно и одиме напред, изјави за весникот „Данас“, адмирал Марк Фергусон, командант на Јужното крило на Северноатлантската Алијанса и на американската морнарица за Европа и Африка.

НАТО ја гледа Србија како важна членка на програмата Партнерство за мир, а неодамна оваа земја потпиша нова спогодба што треба да ја унапреди соработката во врска со прашањата од двостран интерес, наведе Фергусон.

– Граѓаните на Србија треба НАТО да го гледаат како партнер кој сака со својата експертиза да помогне во реформата на секторот на одбраната и безбедноста, со целосно почитување на политиката на воена неутралност на Србија, истакна командантот на Јужното крило на НАТО.

Зборувајќи за соработката на НАТО со Белград, Фергусон истакна дека со Србија оваа година се планирани повеќе од 100 заеднички активности и 40 партнерски цели.

На прашањето дали односите меѓу Белград и Москва можат да ја загрозат соработката на НАТО со Србија, тој рече дека Србија има секакво право да го избира својот пат, како и сите нејзини соседи и дека е уверен дека партнерството и соработката на Србија со НАТО, која е темелена на меѓусобна доверба, е важна и за Србија и за цел регион, како и за Алијансата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.