Фергусон: Шкотланѓаните добро да размислат пред да ја растурат државата

Прославениот фудбалски експерт и долгогодишен тренер на „Манчестер Јунајтед“, Алекс Фергусон во предреферендумските дебати околу иднината на Шкотска беше дел од кампањата „Заедно е подобро“ и против отцепувањето од Велика Британија.

Фергусон кој е Шкотланѓанец, но најголемиот дел од животот го помина во Англија, а сите фудбалски успеси ги постигна во англиската Премиер лига, побара гласачите во Шкотска да промислат многу добро, пред да се одлучат за растурање на заедничката држава.

– Повеќе од 800 илјади Шкоталнаѓани живеат надвор од границите на Шкотска, во разни делови на Велика Британија, па сега на нас е обврската да не дозволиме, јас и сите другите да станеме странци, изјави Алекс Фергусон во финишот на кампањата пред референдумот.

Со поддршка на унијата меѓу Шкотска и Англија, стара повеќе од 300 години, се огласи и Дејвид Бекам, потоа познатата манекенка Кејт Мос, авторката на серијата романи за Хари Потер, Џ.К.Ролинг која се пресели од Англија во Шкотска и сега, како што вели, не сака во Единбург да ја третираат како странец.

Зад коалицијата за обединета и единствена Велика Британија застанаа и музичките и пејачки ѕвезди Пол Макартни и Дејвид Бови, како и актерот Бил Коноли, кој е роден Шкотланѓанец.

На другата страна, за независност на Шкотска, се двете остарени актери Шон Конери и Брајан Кокс. Уште од порано е познато дека Конери, најмногу познат како првиот филмски Џемс Бонд, е поддржувач на сепаратизмот, па со донирање средства ги помагаше кампањите на Шкотската национална партија (СНП) која на два пати, едноподруго, победи на изборите за шкотскиот Парламент.

Според лондонските медиуми, во последен момент на страната на кампањата за независност застанал и првиот тениски рекет на Велика Британија, Енди Мареј.

На својата страница Твитер, тој повикал да се гласа за отцепување, иако досега одбиваше да се изјасни.

За разлика од него, повеќемина познати британски спортисти од Шкотска, членови на британскиот олимписки тим, уште од порано се определија за подршка на кампањата „Заедно е подобро“.