„Фестивал Охридско лето“, од оваа година ќе функционира без долгови

Националната установа – „Фестивал Охридско лето“, од оваа година ќе функционира без долгови. Благодарение на успешното менаџирање и поддршката на надлежните државни институции, успеа да го расчисти долговите кон доверителите, што секако се очекува да придонесе за поуспешо работење на институцијата, но и подобрување на програмските содржини предвидени за идните фестивалски изданија. Признание за успешното функционирање стигна и од пратениците од Охрид во македонското Собрание,Александар Николовски и Сашо Василевски кои денеска остварија работна средба со директорката на Охридско лето, Елизабета Јанкуловска.

– Предизвикот што го имавме минатата година со добивање на највисоката награда за туристички настан за 2013 година за нас беше поттик да направиме нешто што ќе биде уште подобро. Меѓу другото се концентриравме на две полиња. Едното беше средување на сите прашања кои беа врзани со финансиските обврски на установата, а другиот дел беше поврзан со реализација на уште подобра и поуспешна програма, изјави директорката на фестивалот „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска денеска по средбата со охридските пратеници Александар Николовски и Сашо Василевски при што се разговараше за условите и начинот на работа на оваа национална установа, како и за напорите што се прават за уште едно успешно фестивалско издание.

Таа ја нагласи поддршката од Министерството за култура, од Управниот одбор, од вработените, како и од охридските пратеници.

– Охридско лето претставува успешна приказна, а таа се вика квалитетна, уметничка, врвна и светска програма, додаде директорката на фестивалот.

Охридските пратеници и раководството на „Охридско лето“ заедно со  управниот одбор на институцијата разговараа иза тоа на кој начин државата уште повеќе да придонесе во активностите и заложбите за издигнувањето на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата на уште повисоко ниво, достојно на реномето градено повеќе од пет децении.

Пратеникот Александар Николовски меѓу другото најави засилена активност на пратениците од Охрид, за подобрување на условите за работа и развој на сите културни институции во градот, преку изградба на повеќенаменски објект, затворена сцена на која би се реализирале дел од содржините на фестивалот, но и на другите културни манифестации во градот, како Балканскиот фестивал на народни песни и игри, претставите на возобновениот Народен театар, кино проекции и секакви други активности од културен карактер.

– Ќе се заложиме Охрид да добие репрезентативен затворен објект. Тоа значи постојниот објект кој го користат културните институции да биде надграден и модернизиран. И „Охридско лето“,  и Охридската библиотека и Охридскиот театар, и изложбениот салон, но и киното и другите институции да имаат поубава и порепрезентативна зграда, рече Николовски. Тој појасни дека заложбите на пратениците во Охрид и во наредните четири години ќе бидат насочени кон развојот на културата во градот.

Дел од активностите на државните институции во насока на подобрување на условите за одржувањето на настаните во рамки на „Охридско лето“ веќе се завршени, со реализација на најавените градежни зафати за покривање на сцените на Античкиот театар и на сцената „Долни Сарај“, со монтажни покривни конструкции, кои според својата функционалност и изглед наликуват на сцените на најголемите и најпрестижните културни манифестации од тој вид во светски рамки.

Според пратеникот Сашо Василевски фестивалот ќе брилјира со програмата што ја има испланирано за годинешното 54-то издание.

– Големо задоволство е што можеме да констатираме дека ветеното околу изградбата на кровните конструкции на Долни Сарај и Антички театар се успешно реализирани, така што „Охридско лето“ пополека најавува дека ќе има сцена по сите светски стандарди, рече Василевски, најавувајќи дека следната година ќе се уредува просторот околу самите бини.

Сцената на Антички ќе блесне веќе за неколку дена,на 12 јули со свеченото отворање на 54-то издание на фестивалот „Охридско лето“, со настапот на светски познатите оперски ѕвезди,сопранот Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи од Италија, во придружба на уметниците од Македонската филхармонија, под раководство на аргентинскиот диригент Луис Горелик.