Фетел избори пол позиција во Шангај

Германецот Себастијан Фетел од тимот на „Ферари“ ја избори првата стартна позиција на трката за Големата награда на Кина којашто во недела ќе се вози во Шангај, во рамките на Светското првенство на Формула 1, што е негова 52-ра „пол позиција“ во кариерата.

Фетел 5,4 километри долгата патека „Shanghai International Circuit“ ја мина за 1:31,095 минути, што е нов рекорд на патеката. Втор беше неговиралиецотот клупски колега Финецот Кими Рајконен со заостанување од 0.087 секунди.

Од вториот ред трката ќе ја започнат двоецот на „Мерцедес“, Финецот Валтери Ботас и Британецот Луис Хамилтон, а потоа следат пилотите на „Ред Бул“, Холанѓанецот Макс Верстапен и Австралиецот Даниел Рикардо.

„Им благодарам на сите, болидот беше совршено склопен. Претставуваше вистинско уживање да се вози“, изјави по квалификациите Фетел кој победи на двете трки оваа сезона во Австралија и во Бахреин.

По првите две трки сезонава во водство е Фетел со 50 бодови, пред Хамилтон кој има 33 и Ботас со 22 бодови.

Во пласманот на конструкторите води „Ферари“ со 65 бодови, пред „Мерцедес“ со 55 и „Рено“ со 22 бодови.

РЕЗУЛТАТИ ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ:

 

1. Себастијан Фетел (Германија) Ферари 1:31,095
2. Кими РаЈконен (Финска) Ферари 1:31.182
3. Валтери Ботас (Финска) Мерцедес 1:31,625
4. Луис Хамилтон (ВБ) Мерцедес 1:31,675
5. Макс Верстапен (Холандија) Ред Бул 1:31.796
6. Даниел Рикардо (Австралија) Ред Бул 1:31,948
7. Нико Хулкенберг (Германија) Рено 1:32.532
8. Серхио Перез (Мексико) Форс Индија 1:32,758
9. Карлос Сајнц јуниор (Шпанија) Рено 1:32,819
10. Ромен Грожан (Франција) Хаас-Ферари 1:32.855.