Фетел најбрз во Бахреин

Германскиот возач Себастијан Фетел од тимот на „Ферари“ победи на трката за Големата награда во Бахреин, третата трка од новата сезона на првенството во Формула 1.

Трката која се одржа на патеката „Шакир“, Себастијан Фетел ја извози одлично тактички надмудрувајќи се со конкурентите. Германецот стартуваше од вториот ред, зад двајцата возачи на „Мерцедес“, Финецот Валтери Ботас и Британецот Луис Хамилтон, но веќе на првиот свиок успеа да се вметне меѓу двајцата.

Фетел потоа вршеше притисок врз водечкиот Ботас, но не успеваше да го мине, па во 11-от круг се реши да влезе во боксот за да ги замени гумите. Возачите на „Мерцедес“ се решија тоа да го сторат во 14-от круг, кога на патеката излезе безбедносното возило.

Кога тоа се повлече, Фетел беше во водство пред Ботас и Хамилтон, а британскиот пилот имаше и дополнителни проблеми со казната од пет секунди поради непотребното запирање на влезот од боксовите. Во 27-от круг Хамилтон успеа да го мине клупскиот колега и тргна во потера по Фетел, но сепак на крајот мораше да се задоволи со второто место.

Зад победниот и двајцата возачи на „Мерцедес“ се пласираше уште еден пилот на „Ферари“, Финецот Кими Рајконен, а петти беше Австралиецот Даниел Рикардо од „Ред Бул“. Шести беше Бразилецот Фелипе Маса во болидот на „Вилијамс“, а кругот освојувачи на поени го затворија Мексиканецот Серхио Перез од „Форс Индија“, Французинот Ромен Грожман во „Хаас“, Германецот Нико Хулкенберг од „Рено“.

Во вкупниот пласман води Фетел со 68 бодови, Хамилтон го следи со 61 бод, додека во големо заостанување е Ботас со 38 бодови.

Кај конструкторите „Ферари“ е на чело со 102 бода, „Мерцедес“ со 99, „Ред Бул“ има 47, „Форс Индија“ – 17, „Вилијамс“ – 16, на шестото место е „Торо Росо“ со 12 бодови итн.

Следната трка е за Големата награда на Русија, којашто ќе се вози во Сочи на 30 април.