ФФМ му одговори на Рашковски во врска со билетите и организацијата на Супер купот

УЕФА е единствен организатор на натпреварот и единствено Европската куќа на фудбалот одлучува за начинот, распределбата и дистрибуцијата на билетите. Ние како федерација немаме каква и да поврзаност со продажбата и распределбата на билетите, што беше детално објаснето на последната прес-конференција одржана на 13 јуни на Националната арена, се наведува во реакцијата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на прес-конференцијата на генералниот секретар на владата Драги Рашковски кој меѓу другото зборуваше и за влезниците на Супер купот.

„Фудбалска федерација на Македонија, градот Скопје и Република Македонија пред три години ја заслужија шансата да го организираме досега најголемиот спортски настан во нашата историја, ја добивме довербата на УЕФА да бидеме домаќин на УЕФА Супер Куп финалето 2017 година.

Бидејќи, порано или подоцна, на сите им стана јасно дека станува збор за исклучително голем настан и можност за светска промоција на нашата држава, упатуваме апел до сите институции и тела кои се вклучени во организација на натпреварот конструктивно да пристапат кон финализирање на завршните обврски и заеднички да помогнеме кон успешно организирање на фудбалскиот спектакл на 8 август на Националната арена“, се вели во реакцијата на ФФМ.

Информираат дека подготовките за Супер куп натпреварот интензивно се во тек повеќе од една година и оти соработката со претставниците на УЕФА е постојана, а ФФМ доследно и навремено реагира на сите забелешки кои се однесуваат на нашиот дел од обврските.

„На последната прес-конференција на која беа присутни претставници на УЕФА и претставници на клубовите финалисти, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, тоа и се потврди“, потсетуваат од Федерацијата.

Посочуваат дека на низата состаноци сите страни вклучени во проектот биле запознаени со текот на подготовките, а, исто така, и оти инспекција на УЕФА беше присутна и на натпреварот Македонија – Шпанија, како еден вид генерална проба за Супер куп натпреварот.

„ФФМ прати покана до сите инволвирани страни да бидат дел од процесот на организацијата и подготовка на мечот. Како водечко фудбалско тело во државата ве информираме дека секој допис кој се однесува и е поврзан со организацијата на Супер Куп натпреварот го процесуираме до надлежните институции. Последниот, кој се споменува во медиумите е примен на 16 јуни, а по седум минути истиот ден, е препратен до одговорните лица задолжени за овој настан во Владата“, му возвратија од ФФМ на Рашшковски кој тврдеше дека тој допис патувал до Владата седум дена.

„ФФМ е спортска федерација која има основна цел, промоција и грижа за фудбалот. Токму поради тоа не смееме да дозволиме Супер куп натпреварот да биде поле за политички препукувања“, му порачуваат на генералниот секретар на Владата од Куќата на македонскиот фудбал.

Потсетуваат дека се во контакти со Владата од моментот кога решивле да ја поднесеме кандидатурата за организација на настанот и сѐ досега. Изразуваат, исто така, надежи дека брзо ќе бидат надминат сите недоразбирања и ќе земјата ќе биде пример за успешна организација на светски настан, натпревар кој ќе ја стави нашата држава на мапата европски центри кој успеале гордо да ја прикажат државата и спортските вредности и ќе биде предуслов за успешно организирање и на други големи настани.

„Фудбалската федерација на Македонија заедно со УЕФА, од поднесувањето на кандидатурата до добивањето на довербата да бидеме домаќини веруваше во нашите можности и капацитети. Остануваме во тој правец со единствена цел да бидеме горди домаќини на големиот фудбалски спектакл“, се вели во реакцијаа на ФФМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.