ФФМ остро го осуди инцидентот во Чаир

Од Фудбалската федерација на Македонија денеска преку официјално соопштение ги осудија случувањата на вчерашниот полуфинален дуел од младинскиот куп на Македонија меѓу Шкупи и Вардар, притоа нагласувајќи дека свикана е Вонредна седница на Комисијата за младински фудбал на која ќе се решава за суспензија на теренот на ФК “Шкупи 1927” и предавање на клубот на дисциплинска комисија поради слаба организација на натпреварот.

Соопштението од ФФМ ви го пренесуваме во целост:

Фудбалската федерација на Македонија се чувствува повикана да реагира со соопштение по повод инцидентите по завршувањето на реванш натпреварот од полуфиналето во младинскиот Куп на Македонија меѓу екипите на ФК „Шкупи 1927“ и ФК „Вардар“.

Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува секој облик на насилство на фудбалските терени и ќе продолжи да се бори против хулиганизмот со сите средства кои ги има на располагање. Како одговорно фудбалско тело во државата никогаш нема да се согласи со говорот на омраза, нетрпеливоста, вулгарните навреди и секој облик на насилство без било каква основа на сметка на поединци или структура на било кој фудбалски клуб.

Комисијата за младински фудбал свика вонредна седница на која ќе се решава за суспензија на теренот на ФК „Шкупи 1927“ и клубот ќе се предаде на дисциплинска комисија поради слаба организација на натпреварот одигран на 15. април 2015 година. По комплетирање на документацијата и добиените изјави од службените лица на натпреварот (контролор /делегат, судиска тројка, претставници на двата клуба и дел од фудбалерите), Дисциплинската комисија на ФФМ ќе покрене постапка против сите учесници во инцидентот.

Фудбалската федерација на Македонија работи и постапува во согласност со правилниците усогласени со УЕФА и ФИФА и се однесуваат и применуваат еднакво кон сите учесници во фудбалската игра во Македонија во најширока смисла на зборот.

Натпреварувачката, Дисциплинската и Комисијата за статут и правилници на ФФМ работат и постапуваат по пријава на официјални лица на секој од натпреварите и мерките ги изрекуваат во согласност со дисциплинскиот и правилникот за натпреварување на ФФМ кои што се објавени во службеното гласило – Макфудбал.

Како и досега, повикуваме на разум, трезвеност и коректност во процесот на решавање на проблемите. Фудбалската федерација на Македонија преку своите тела и органи е единственото легитимно место каде што може да се креираат и водат службените политики и чиј одлуки можат да предизвикаат соодветни промени.