„Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Србија

Агенцијата „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Србија на Б+ со стабилни прогнози, од претходните ББ- со негативни изгледи.

„Како клучни причини за својата одлука, ‘Фич’ наведува раст на дефицитот во 2014-та година по основ на претходно преземени обврски, како и општата состојба на јавниот долг во однос на висината на бруто домашниот производ, но и неспроведување на претходно најавените структурни реформи во претходните години“, соопшти тамошното Министерство за финансии.

Како позитивни страни агенцијата го наведува започнувањето на преговорите со Европската унија, намалениот дефицит на тековната сметка на платниот биланс и зголемување на девизните резерви и почеток на преговорите со Меѓународниот монетарен фонд кои се планирани за февруари оваа година.