Македонија,Економија

„Фич“ го потврди стабилниот рејтинг на Македонија

„Фич“ го потврди стабилниот рејтинг на Македонија

Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди рејтингот на Македонија „ББ+“ со стабилни изгледи.

Оваа кредитна агенција нотира дека реалниот пораст на бруто домашниот производ од 3,1 отсто бил воден од градежниот сектор, кој зафаќа 50 отсто од растот на БДП.

Благодарение на стимулациите преку јавните инвестиции, нотира „Фич“, се очекува растот да го зголеми интензитетот во 2014 и 2015 година, на 3,2 односно на 3,5 отсто.

Странските директни инвестиции, кои се една четвртина од вкупниот извоз на земјата, се очекува и понатаму да овозможуваат повисока стапка на раст, а невработеноста останува на ниво од околу 29 отсто.

И покрај зголемувањето на инвестиции, се’ уште е ниско нивото на заштеди на граѓаните, со што се ограничува растот на среден рок. Инфлацијата во 2013-та година во просек беше 2,8 отсто, а се очекува и во 2014-та и 2015-та година да остане околу три проценти, благодарение на високите каматни стапки, кои се поддржани од фиксниот валутен курс.

Дефицитот на централната власт, како што стои во извештајот на „Фич“, остана непроменет во 2013-та во споредба со претходната година, односно на четири отсто од вредноста на БДП. Владата ќе продолжи со фискалното стимулирање и во текот на оваа година, пред се’ преку социјалните трансфери и инвестициите во големи инфраструктурни проекти. Овие проекти наидуваат на голема поддршка од страна на меѓународните финансиски институции.

„Фич“ оценува дека таргетираниот дефицит од 3,5 отсто е оддржлив и дека нема да падне под три отсто до 2015-та година, додека владата ги поддржува капиталните инвестиции.

Бруто долгот на владата се очекува да забележи скромно зголемување од околу 36 отсто оваа и еден процентен поен повеќе во текот на 2015-та година. Релативно краткиот рок на доспевање на оврските значи дека потребите за финансиски средства ќе биде околу 13 отсто од вредноста на БДП, но бидејќи околу 79 отсто од јавниот долг е во странска валута ги остава јавни финансии да бидат ранливи на флуктуациите на девизниот курс.

Според актуелните анкети, како што истакнува „Фич“, владејачката ВМРО-ДПМНЕ најверојатно повторно ќе освои мнозинство во парламентот на претстојните избори кои што треба да се одржат во април, што според извештајот, нема да има поголемо влијание врз политиката.

Нема да има значителен напредок кон членството во НАТО и Европската унија, укажува агенцијата, пред се’ поради прашањето за името со Грција.

Дефицитот на тековната сметка на Македонија има извесно проширување во изминатите години и се очекува во текот на оваа година да биде четири, а следната 4,5 отсто од вредноста на БДП. Иако и понатаму извозно ориентираните проекти на странските директни инвестиции и растот на побарувачката во евро зоната треба да му дадат посилна поддршка на извозото, увозот се очекува да расте со слично темпо.

Нето надворешниот долг на земјата и понатаму ќе се движи во границите на околу 15 отсто, а банкарскиот сектор, како што истакнува „Фич“ е добро капитализиран со 14,4 отсто адекватност на капиталот. Нефункционалните кредити заземаат 10,9 отсто, но нема потреба да паника бидејќи истите во целост се покриени со резерви. Сепак, системот е фокусиран на три банки кои што сочинуваат околу две третини од депозитната и кредитната база во Македонија.