сабота, 26 ноември 2016  |  Вести денес: 19

Фицо: ЕУ врши ритуално самоубиство

fico

Последни вести

Европската унија во врска со бегалската криза извршува ритуално самоубиство, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо во интервју за чешкиот весник „Право“.

Како што јави дописникот на МИА, Фицо се осврна и на темата за создавање на европска гранична стража, како и причините поради кои неговата Влада поднесе тужба против обврската за примање задолжителна квота на бегалци од Унијата.

Фицо, не смета дека договорот меѓу Турција и ЕУ е најефикасниот начин да се запре приливот на имигранти во Европа и додава дека треба максимално да се забрза создавањето на т.н европска погранична и крајбрежна стража, која би ја обезбедувала шенгенската граница таму каде националната држава не успева.

– Кај многумина тоа предизвикува разни теоретски прашања кои се однесуваат на суверенитетот. Но, јас мислам дека шенгенската граница е и наша граница, иако не лежи на наша територија и затоа имаме право да кажеме што мислиме, вели Фицо за „Право“.

Тој тврди дека додека се решаваат за него „нефункционални“ прашања за обврзувачки квоти на бегалци, до Европа и натаму дневно пристигнуваат неколку илјади мигранти.

– Во помал број доаѓаат, не затоа што функционира некаков заштитен систем, туку затоа што е зима. Се плашам дека доколку европската единица се создаде некаде кон крајот на 2016 или 2017 година, Европа навистина ќе го доврши ритуалното самоубиство што го споменав, потенцира словачкиот премиер.

На прашањето што конкретно предлага Словачка за намалување на последиците од бегалската криза Фицо вели дека од почетокот на годината е организирана единици од 300 полицајци, кои се наречени „Замок“ и кои се подготвени за специјална заштита на границите.

– Го покажавме тоа на билатерална база, кога испративме дел во Унгарија и Словенија, а на 1 февруари ќе испратиме група и во Македонија, вели Фицо.

Тој додаде дека Словачка прима и неколку десетици христијански мигранти, тврдејќи дека иако земјата не се плаши од други вери, сепак мисли дека постојат ризици доколку во неа се донесат неколку илјади млади мажи со друга религија за кои би постоел ризик за интеграција во средината.

– Словачка и во оваа насока ќе ги презентира своите суверени ставови. Се покажа дека имавме право кога предупредувавме пред неконтролираните миграциски бранови и поврзаноста со ризикот од тероризам. Се покажа и поврзаноста меѓу миграцискиот бран и сексуалните напади, оцени Фицо.

Во врска со тужбата за одлуката за задолжителни квоти за бегалци, тој вели дека Словачка ќе ги искористи сите правни средства во овој спор.

– Треба да молчиме? Не смееме да ги искористиме правните средства, да предлагаме други правни решенија? Не би сакал ЕУ да живее наредните години во тој дух, додава Фицо во интервјуто.

Најчитани вести