Фида: Менаџерскиот тим на „Ендава“ планира да ги зголеми вработувањата на 430 луѓе

Британската ИКТ компанија „Ендава“ која денеска отвори нови канцеларии во Скопје со што и официјално почна со работа, најави најмалку 400 нови вработувања во следните 4 години.

Преговорите за оваа инвестиција, како што нагласи премиерот Груевски, ги водел министерот Висар Фида заедно со промоторот во Велика Британија Горан Силјановски.

Фида посочи дека „Ендава“ е една од поголемите светски ИКТ компании со седиште во Лондон и дека решила да инвестира во Македонија пред една година.

– Менаџерскиот тим виде дека имаме добро развиен ИКТ сектор и инвестираме многу во ИТ образованието. Нивниот план е да го зголемат вработувањето на 430 луѓе, посочи Фида.

Во канцелариите во Скопје моментално работат 36 луѓе, а следните 12 месеци, како што нагласи извршниот директор Џон Котерел,  бројот на вработени  ќе достигне 100 лица.

„Ендава“ е основана во 2000 година, заклучно со февруари годинава брои 1.800 вработени, а во периодот 2013/2014 година оствари приход од 64 милиони фунти или 86 милиони евра. Има канцеларии во Франкфурт, Њујорк, Атланта, Глазгов и Оксфорд, нејзината растечка стратегија е фокусирана на проширување во Источна Европа преку постојан раст на своите центри за развој и преку отворање нови канцеларии.