Фиџи: По циклонот опасност од зика и денга

Владата на Фиџи и меѓународните хуманитарни агенции денеска започнаа да испорачуваат помош на оддалечените острови на оваа пацифичката земја, која во саботата вечерта беше погодена од циклонот Винстон, при што загинаа 42 лица.

Како што јавија австралиските медиуми, билансот на жртвите започна да расте деновиве откако беше обновена комуникацијата со најоддалечените острови на архипелагот во кој живеат околу 900.000 луѓе.

Преку илјада лица се сместени во прифатни центри, бидејќи нивните куќи се уништени од ветерот и поплавите што ги предизвика досега најсилното невреме во поновата историја на оваа пацифичката земја, пренесува МИА.

Екипи на Меѓународниот комитет на Црвениот крст успеале да стигнат до оддалечениот остров Коро, седми по големина од 300-те острови на Фиџи, кој е најтешко погоден од невремето.

– Не знаеме дали бродовите кои ја носат помошта ќе можат да стигнат до сите настрадани, изјави во Сува Дилан Квинел, портпарол на хуманитарната агенција „Кер Австралија“

Австралија и Нов Зеланд соопштија дека се подготвени да испратат хеликоптери со цел да стигнат до отсечените предели.

– Испративме два извидувачки авиони „Орион П3“ и тие секојдневно ќе ја проценуваат штетата која е направена, посебно на оддалечените острови, изјави австралиската министерка за надворешни работи Џули Бишоп.

Министерство за земјоделство на Фиџи соопшти дека циклонот во целост уништил делови низ архипелагот, додека хуманитарната агенција „Спасете ги децата“ инфромира дека голем број од училиштата се уништени или тешко оштетени.

Хуманитарните работници предупредија и на потенцијална опасност од појава на вирусот зика и маларијата денга, чии преносители се комарците кои можат да се размножат во застојаната вода по невремето.