ФИФА го укинува Купот на конфедерациите, го проширува Светското клупско првенство и воведува Лига на нациите

Меѓународната фудбалска асоцијација ФИФА го претстави новиот формат на Светското клупско првенство кое од 2021 година треба да го замени Купот на конфедерациите.

Светските фудбалски првенства од 2000 година се одржуваа во декември секоја година, а на нив учествуваат континенталните прваци и претставник на земјата домаќин. Но неатрактивниот термин како последица имаше слаби финансиски приходи, па во ФИФА одлучија да го променат форматот.

Така, од 2021 година клупските светски првенства ќе се одржуваат секоја четврта година, би траеле 18 дена, а на нив би учествувале 24 екипи. Редизајнираниот клупски мундијал би се одржувал во текот на јуни во годините коишто им претходат на светските првенства за нивниот термин да не се совпаѓа со националните прванства, особено оние во Европа.

Воведувањето на новото проширено клупско светско првенство на секои четири години, воедно значи и укинување на Купот на конфедерации кој своето последно издание го имаше минатата 2017 година во Русија.

Од ФИФА, исто така, најавија и воведување на своја Лига на нациите по урнекот на натпреварувањата коишто веќе ги започнаа УЕФА и КОНКАКАФ.

Како и Лигата на нациите на УЕФА, која започнува оваа есен, репрезентациите од секој континентален сојуз ќе бидат поделени во квалитативни групи од по четири селекции кои ќе играат според двокружниот систем, односно гарантирани шест мечеви, по кои најслабите репрезентации ќе испаѓаат во понизок, а најдобрите ќе се пласираат во повисок степен на натпреварување. Најдобрите селекции од секој континент ќе учествуваат на завршниот турнир на кој ќе се борат за титулата на севкупен победник.

Натпреварите од Лигата на нациите на ФИФА би се играле во септември, октомври и декември.

За да ги финансира новата верзија на Светското клупско првенство и Лигата на нациите, ФИФА се потпира на приватни спонзори кои во периодот од 2021 до 2033 година треба да вложат околу 25 милијарди долари.