ФИФА покрена дисциплинска постапка против Јувентус

По истрагата за минатогодишниот трансфер на Пол Погба во Манчестер Јунајтед, ФИФА во средата објави дека покренала дисциплинска постапка против италијанскиот шампион и европски вицепрвак Јувентус.

Иако не е прецизирано поради што е отворена дисциплинската постапка против Јувентус, се претпоставува дека станува збор за кршење на правата за сопственост на третата страна над фудбалерот.

Трансферот на Погба од Јувентус во Манчестер Јунајтед беше за сума од 110 милиони евра. Во медиумите беше објавено дека менаџерот на играчот Мино Раиола од оваа зделка заработил повеќе од 40 милини евра, со тоа што Јувентус наводно му платил 27 милиони евра од таа сума.

Меѓутоа, од мај 2015 година менаџерите на играчите и агенциите не смеат да земаат од клубот од кој фудбалерот заминува процент од трансферот.

ФИФА, исто така, објави дека во врска со споменатиот трансфер не е покрената никаква постапка против Манчестер Јунајтед.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.