ФИФА само ги предупреди Шаќири и Џака, по 5.000 франци казна за Лихтштајнер, Кокеза и Крстајиќ

Меѓународната фудбалска асоцијација ФИФА им одреди парична казна од по 10.000 швајцарски франци на швајцарските репрезентативци Гранит Џака и Џердан Шаќири поради неспортско однесување на натпреварот со Србија, додека нивниот капитен Штефан Лихтштајнер како и српските претставници се казнети со по 5.000 франци.

Џака и Шаќири се казнети поради покажување на албанскиот двоглав орел во текот на прославувањето на погодоците против Србија со кои направија пресврт и ја совладаа (2:1), иако некои медиуми пишуваа дека ќе добијат барем два меча неиграње поради политичко асоцирање и провоцирање.

ФИФА, исто така, го казни и Српскиот фудбалско сојуз со 54.000 швајцарски франци „поради непримерени транспаренти и пораки“ на српските навивачи, додека претседатело на сојузот Славиша Кокеза и на селекторот Младен Крстајиќ добија казна од по 5.000 франци поради коментари на судењето. Тие се жалеа на критериумот на германскиот судија Брих во доделувањето на жолтите картони, а особено што не сакаше да го консултира ВАР системот при фаулот на Митровиќ во швајцарскиот шеснаесетник при резултат 1:1.

ФИФА објави и казна за Аргентинската фудбалска асоцијација (AFA) од 90.000 франци поради неспортско однесување на нивните навивачи на дуелот со Хрватска. Аргентинците фрлале петарди, упатувале хомофобни пораки, а на стадионот нападнаа и група хрватски навивачи, додека самиот сојуз е казнет бидејќи аргентинските репрезентативци не се појавиле на вообичаената прес-конференција.