Македонија

Филателистичка изложба „Светите браќа Кирил и Методиј“ во Пустец

Филателистичка изложба „Светите браќа Кирил и Методиј“ во Пустец

Филателистичка изложба „Светите браќа Кирил и Методиј – сесловенски просветители“ вчера беше отворена во општина Пустец, Албанија.

Ова е прва филателистичка изложба од Македонија што гостувала во Албанија и е во организација на Музејот на македонската борба. Изложбата, како што информираат од Музеј на македонската борба, предизвика голем интерес кај повеќе од стотина присутни и е дел од активностите за одбележувањето на 24. мај меѓу Македонците што живеат во тој дел на Албанија.

На отворањето на изложбата говореа директорот на Музејот на македонската борба Бранислав Светозаревиќ, градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, писателот од регионот Мала Преспа Спасе Мазенковски, а поетесата Виолета Сековска читаше делови од „Црноризец Храбар“ на старословенски јазик.